Колку се може без храна? |
Колку се може без храна?
Швеѓанец е последниот екстремен пример на преживување без храна околу два месеци, на -30 степени. Нему му помогнало што јадел снег. Од голема помош во ваков случај е и надежта.
| « врати се назад |

Се уште се истражува случајот на 44-годишниот Швеѓанец Питер Скајлберг кој бил заглавен во автомобил затрупан со снег. Од фотографии од автомобилот се виделе некои остатоци од пакувања од храна, што може да значи дека човекот сепак имал нешто да касне. Во возилото Питер бил од 19-ти декември до 17-ти февруари.
Експертите веруваат дека е можно човек да преживее два месеци без храна. Ова не е прв случај луѓе да издржат гладни подолг период. На пример Јапонецот Мицутака Учикоши во 2006-та минал 24 дена без храна и вода откако исчезнал при планинарење, а минатата година 56-годишна жена од Британска Колумбија преживеа скоро 50 дена во дивина во Невада со малку сува храна и слатки. Сепак случајот со Швеѓанецот е екстремен.
“Но, тоа не е невозможно. Тоа е периодот во кој отприлика би починал еден штрајкувач со глад, но сепак на потопло. Во 1981-та републиканскиот затвореник Боби Сендс почина во затвор после штрајк со глад кој траеше 66 дена,“ објаснил д-р Мајк Страуд од Универзитетот Саутемптон.
Бројни се факторите од кои зависи колку долго едно лице може да преживее без да јаде, почнувајќи од метаболизмот и неговото забавување за да се зачува енергија.
“При буквален одмор човековото тело произведува околу 100 вати телесна топлина, доволни за работа на една светилка. Но, при гладување, телото почнува да создава се помалку и помалку топлина, па токму заради тоа луѓето со поголема тежина имаат поголеми шанси за преживување. На организмот не му се потребни само калории и затоа органите почнуваат да се `исклучуваат` еден по еден. Сепак, можно е тоа да се случи за 60 дена,“ забележал Страуд.
Тоа што бил затворен во мал простор (автомобилот) можеби му било од помош на Скајлберг за да зачува калории а изолацијата во снегот можеби му помогнала за заштита на организмот со ослабен имунитет од потенцијално смртоносни инфекции. Автомобилот бил затрупан во снег, што некои експерти го опишуваат како “иглу ефект.“
Професорот по психологија Стивен Џозеф истакнува дека за преживување во вакви услови многу значајна е психичката состојба на поединецот, зашто не секој исто реагира на животно загрозувачки сценарија.
“При несреќи, преживувањето зависи од личноста. Некои губат надеж, додека други се поснаодливи. Надежта е веројатно клучен елемент,“ изјавил професорот Џозеф.
























