Кој е Чарли Чаплин? |
Кој е Чарли Чаплин?
Новооткриени документи на МИ5 откриваат дека британските власти се сомневаат во англиското потекло на Чаплин и ја отвораат можноста тој да е Французин... па, дури и Русин.
| « врати се назад |

Мистеријата околу раѓањето и идентитетот на Чаплин настанува во 1952-ра година, кога тој ја напушта Америка. Тогаш ФБИ бара од МИ5 да го провери вистинскиот идентитет на комичарот и евентуалната врска со комунистите.
Според ФБИ, Чарли Чаплин е француски Евреин роден во Фонтенбло, а неговото вистинско име е Израел Торнштајн.
Сепак, информацијата на Американците за француско-еврејското потекло на Чаплин е само претпоставка. Во досието на Чаплин водено од МИ5 пишува дека нема доказ дека тој е Израел Торнштајн, ниту дека воопшто постои лице со такво име.

Освен шпекулацијата за француско потекло, во досието постои и сомневање дека Чарли Чаплин е руски Евреин. Офицер на МИ5 во досието запишал дека Чаплин некогаш најавил „враќање во Русија“.
„Тоа значи дека Чаплин претходно веќе бил во Русија или дека има руско потекло“, забележал офицерот.
Самиот комичар тврди дека е роден на 16-ти април 1889-та година во Ист Стрит, Валворт, јужен Лондон, но од МИ5 велат дека не постојат никакви докази за тоа.
Освен раѓањето, мистериозен е и раниот живот на Чаплин. Најстариот пронајден официјален документ е неговиот англиски пасош од 1920-та година.
























