Сакам да зборувам со Тадиќ |
Сакам да зборувам со Тадиќ
„Во земјата на крвта и медот“ не е против Србите, туку против меѓународната заедница, нагласува Анџелина Џоли во интервју за српски медиум. Вели дека сака да дојде во Белград, но се плаши.
| « врати се назад |

Да се прашувам јас, би дошла уште утре со првиот авион. Сакавме да дојдеме, ама не сме добредојдени. Не се работи толку за тоа дали јас се чувствувам добредојдена, туку луѓето не сакаат да ме видат, вознемирени се. А јас не сакам никого да вознемирувам. Со месеци се договаравме со српските глумци да дојдеме и нашите деца да си играат заедно, ама сега има премногу агресија, особено кон мене.
Раде Шербеџија раскажа еден разговор со една келнерка која ви порачала да дојдете во Србија, затоа што иако вие не нè сакате, ние не ве мразиме. Што би ѝ порачале?
Да, ми ги пренесе тие зборови. Но, многу би ми било драго да дојдам и се разбира дека ве сакам. Овој филм не е против вас, туку против меѓународната заедница која не реагираше на време. Да речеме, главниот лик, кој го глуми Горан Костиќ, носи многу хуманост во себе, ликот кој го игра Раде Шербеџија многу го сака својот син. Јас ги сакам Србите, многу ги сакам вашите глумци, особено сакав тие да бидат вклучени во филмот.
Зошто?
Затоа што сакав да најдам баланс во оваа приказна. Не сакав да слушам само од луѓето во Босна што се случувало. Сакав, исто така, да седнеме и да разговараме и со луѓето од Хрватска и Србија. Ако нешто ги вознемирува, да го исечам и исфрлам од филмот.
Во завршната сцена главниот лик Даниел ја убива Аља, жената што ја сака, затоа што го издала, им се предава на мировните сили и плачејќи повторува „јас сум воен злосторник“. Која порака сакавте да ја испратите со тоа?
Тоа е пренагласена драмска интерпретација, не е документарец. Слушнав дека некои луѓе доброволно се предале на Хашкиот трибунал. Да ја убиеше Даниел и да не реагираше, тоа би било тешко да се објасни, би било многу лошо сфатено, како ладнокрвно убиство. А тоа е метафора: на различни начини сите сме жртви. Длабоко во срцето сакам да верувам дека на луѓето кои учествуваа во сето тоа им е жал. Никој не се чувствува добро кога ќе заврши како Даниел. Би сакала младите луѓе во Србија да не го сфатат ова како да е направено против нив. Не сакам да повредам никого, ова е само филм за љубовта, тоа што се случувало, а критиките се упатени исклучиво кон меѓународната заедница.
Мислите дека меѓународната заедница извлече поука од војната во поранешна Југославија?
Се среќавам со многу луѓе од различни земји, министри, политичари, и тие ми велат дека чувствуваат одговорност. „Се срамам што не го знаевме тоа, се срамам што мојата земја не помогна доволно“ - тоа го слушнав од многу луѓе. Сето тоа се случува ширум светот и можеби ваквите работи ќе помогнат да интервенираме на време.
Но луѓето од тие земји обично ги замразуваат Американците токму поради страшните последици кои таа интервенција ги остави?
Сè зависи од типот на интервенцијата. Тоа не е најдобар начин да се решат работите, пред сè треба да се спречуваат трагедиите. Војната во Босна можеше да биде спречена и пред да започне. Интервенцијата треба да биде последна во низата решенија.
Бевте на Косово во 1999 година. Дали знаете што се случува денес таму?
Јас не сум политичар, јас сум хуманитарец, и таму сретнав многу раселени луѓе, без покрив над главата, нивните семејства се во многу лоши услови, се смрзнувавме. Знам дека сега постои граница со Србија, но не знам доволно, многу нешта се случија. Претпоставувам дека е многу болно за вас. Би сакала да дознаам повеќе за тоа и се надевам дека постои прилика да поразговараме за сè.
Дали сте слушнале дека на многу глумци во Србија им се закануваат поради начинот на кој нè прикажавте во филмот?
Знам дека на многу ваши глумци им се закануваат, на Никола (Ѓуричко) и Милош (Тимотиевиќ). Тоа е ужасно, тоа е злосторство, затоа што тие се добри луѓе, не се лоши само затоа што се појавиле во еден филм. Начинот на кој зборуваат за Србија, за семејството, пријателите, ги прави големи, прекрасни луѓе. И тие се за мене она што е Србија. И ако ме прашате зошто се чувствувам непожелна во Србија, тоа е заради тие закани. Кога му реков на Бред (Пит) дека сакам да дојдам, ми рече: „Како ќе одиш кога ти се закануваат?“ Многумина ми се закануваат мене и на моето семејство. И ако имаат прилика да нè повредат, ќе го направат тоа.
Дали е точно дека неодамна сте се расплакале поради информација од Србија?
Сето тоа ме повредува затоа што имам пријатели Срби. Се надевам дека луѓето ќе го гледаат филмот и ќе ја видат човечката страна. Сакам да ѝ помогнам на Србија, да работам со вас на нови проекти, на градење на иднината, училиштата, уметноста... И ако ми дозволите, навистина ќе ви бидам многу добар пријател.
Пред два дена му порачавте на Емир Кустурица да сними филм за српските жртви, а тој ви одговори дека може само да сними филм за американските жртви во Авганистан.
Тој може да направи филм за било што на светов. Можеби и направи филм за тоа што му се случи на српскиот народ.
Да, го сними филмот „Животот е убав“, за љубов меѓу Муслиманка и Србин.
Филмот „Црна мачка бел мачор“ е сјаен и сигурна сум дека ме разбира како режисер. Се разбира дека треба да направи такво нешто ако сака. Но, не за да бидеме подеднакво непријатели. И мислам дека веќе има филмови за Авганистан. Јас веќе пишувам сценарио за еден.
Некои сцени од вашиот филм ме потсетија на „Убавите села убаво горат“ на Срѓан Драгоевиќ...
Го обожавам „Убавите села убаво горат“, тоа ми е омилен филм. Би сакала да работам со него, би му понудила работа. Слушнав и за „Парада“, верувам дека и тоа е фантастичен филм.
Знаете дека филмот нема да биде прикажан во Република Српска?
Ќе има тајна проекција и тоа е фантастично. Знам дека го забранија и тоа е страшно.
Што би му порачале за крај на српскиот народ?
Помогнете ми да сфатам, да научам како да ви помогнам. Помогнете ми да зборувам за тоа што му се случило на српскиот народ, но на тоа мора да работиме заедно. Пружете ми шанса. Би сакала да добијам прилика да зборувам со вашите политичари, зошто не и со Борис Тадиќ.
























