Човекот е осуден на пропаст |
Човекот е осуден на пропаст
Авторот на книгата „Trainspotting”, Ирвин Велш, во интервју за Економист зборува за филмот на Дени Бојл, за дрогите, судбината, трулежот на британското општество и за гламурот на филмот.
| « врати се назад |

Дали социјалните проблеми кои ги истражувавте во „Trainspotting” сега се подеднакво важни како што беа во '80-те години?
Многу поважни. Денес е речиси невозможно да се замисли како би изгледал Западот без дрога. Таа стана составен дел од се околу нас и околу тоа што сме. Очигледно, без оглед на тоа дали се невработени или недоволно платени, луѓето секогаш ќе наоѓаат дроги. Сите сакаат драматичен и интересен живот. Ако немаш работа, една од малкуте нешта кои можеш да ги направиш е да земеш дрога и да лудуваш.
Се чини ве интересира истражувањето на најмрачните сили од вашиот живот. Што е тоа што толку ве привлекува?
Фасциниран сум. Мислам дека во основа, човечката состојба е тесно врзана со пропаста. Секогаш се движиме кон неа. Старееме и умираме, тоа е ултимативната пропаст. А, цело време се преправаме дека го избегнуваме тоа. Но, всушност сите донесуваме ужасни одлуки во нашите животи, кои резултираат со зависност од дроги, деструктивни врски, лошо однесување. Човекот ја прифаќа таа судбина.
Како уметник кој ги истражува овие теми, сметате ли дека е опасно истите да се идеализираат?
Да. Филмот е медиум кој го прави тоа. Актерите изгледаат поубаво од луѓето во реалниот живот. Изгледаат погламурозно. Всушност, за тоа и постои тој медиум. Да прикажува гламур. Таков е по природа, вие седите доле во кино салата, а тој е горе на големиот екран. По филмот „Екстази”, очекувам дебата за тоа дали филмот ја глорифицира зависноста од дрога.
Мислите ли дека тоа беше проблем и со „Trainspotting”? Дека филмот не ја прикажа вистинската реалност на зависноста од дрога?
Филмот се фокусираше на 2 нешта. Нема шанси дрогата да не те уништи. Тоа е неизбежно. Но, од друга страна, вистинското патешествие е едно многу лудо возење и таа вистина мора да се раскаже. Мора да се откријат и двете страни. Мислам дека филмот зборува за обете вистини, и преку многу филмски техники успева да го пренесе тоа возење. Во исто време, укажува на болката и хоророт од зависноста.
Имаш само 90 минути за раскажување на приказната. Кога пишуваш роман, можеш да навлезеш во главата на ликовите, па читателот може да создаде сопствена слика. Филмот мора да биде динамичен, инаку луѓето ќе излезат од кино салата.
Можеше ли „Trainspotting” да биде помрачен филм?
Да. Во Берлин имаше проекција на „Wir Kinder vom Bahnhof Zoo”, кој е филм за почит, но никој не сакаше да го гледа. Филмовите повеќе не се трудат да променат нешто во државата. Нема аспирација за каква било социјална акција. Па, ако прикажеш нешто за деградација и болка, тогаш само ги потврдуваш тие буржоаски вредности кај луѓето кои велат: „Не сум во таква позиција. Јас сум си задоволен. Тоа нема врска со мене”.
Кој е вашиот став за немирите во Британија кои избија летото 2011-та?
Ме чуди како не се случија многу порано. Живеевме под таа ужасна глазура на Блеризам. Фала му на Бога што сега имаме конзервативна влада, која навистина го прави тоа што го кажува.
Ве цитираат како голем критичар на Мартин Амис. Станува ли збор за класично непријателство овде?
Мислам да. Тоа е дел од она што значи Британија. Ми се чини Оскар Вајлд еднаш рече дека ако ставиш група Англичани во една соба и еден од нив отвори уста, сите останати автоматски ќе го замразат. Тоа е многу јака мисла. Тоа почнав уште повеќе да го забележувам сега откако почесто престојувам во Америка.
Што се однесува до критикувањето на Мартин Амис, тоа не се однесува на неговото пишување. Тој е брилијатен романисер. Сè што кажувам против него е затоа што потекнувам од друго место. Тоа не е критика, туку изјава на факт. Инаку, „Пари” од Мартин Амис е една од најдобрите книги напишана во последните 30 години.
Дали тогаш мислите дека класниот систем во Британија има корозивен ефект врз британскиот живот?
Има ужасен ефект. На некој начин успеавме да се префрлиме од класно во парично општество. Моментално, Британија не е здраво место за живеење.
























