Најамбициозната земја во светот |
Најамбициозната земја во светот
Катар моментално има најголем БДП по жител, тамошната дипломатија влијаеше врз падот на Гадафи и Мубарак, земјата стана домаќин на СП во фудбал 2022-та, а се чини дека нема намера да запре тука.
| « врати се назад |

Малиот емират на полуостровот на западниот брег на Персискиот Залив има амбиции да ја добие и организацијата на летните Олимписки игри 2020-та, и има шанси за тоа, зашто катарските власти очигледно одлучиле својата земја да ја направат богата, погодна за живот и привлечна за туристи, без разлика на високите температури кои во лето се искачуваат и над 50 степени.
Сепак, во оваа земја не било отсекогаш сè мед и млеко. Емиратот самостојност стекна во 1971-та, но тогашниот лидер од семејството Ал-Тани, кое е на власт од средината на 19-от век, поголемиот дел од приходите од енергентите ги користел за свои потреби.
Но неговиот син, шеик Хамад бин Калифа ал-Тани, по школувањето во Британија одлучил да ја смени таа пракса и во 1995-та извршил државен удар без крвопролевање и ја презел власта. Од тој момент почнува забрзаниот развој на Катар, за денес да стане земја со најголем БДП по глава на жител.
Државното раководство одлучува да се вложи што е можно повеќе во природен плин и земјата набрзо станува позната по ЛНГ терминалите од кои течниот плин патува кон разни дестинации во светот. Денес Катар е најголем светски извозник на течен плин. 
Своја заслуга за успехот на Катар има и Мозах бинт Насер ал-Мисенд, втората жена на емирот, која се ангажирала за образување на населението а била и поттикнувач на основањето на телевизијата Ал Џезира.
Паралелно со економскиот развој, емиратот се повеќе се истакнува и на меѓународен план, пред се во арапскиот свет. Деновиве е објавена вест дека е блузи денот кога ќе биде потпишан договор за отворање претставништво на талибанците во престолнината Доха, каде би можеле да продолжат преговорите со САД и авганистанската влада за примирје.
Исто така, Катар беше меѓу првите арапски земји кои ги осудија нападите на Гадафи врз бунтовниците и со своите авиони учествуваше во меѓународните мисии во Либија, а го повика и Мубарак да замине од власт.
“Оваа земја веројатно ќе ги искористи сите предности на големите спортски настани за дополнително да ја подобри инфраструктурата и да привлече нови вложувања, цената на енергентите обезбедува сигурен прилив на пари, а состојбата во земјата е стабилна,“ бележи Вечерњи.
























