Најчестите измами на Фејсбук |
Најчестите измами на Фејсбук
Од повиците за помош од пријатели, па сè до понудата да видите кој ви го манијачи профилот, ова се 6-те најчести измами кои треба да ги препознаете на Фејсбук.
| « врати се назад |

"Киднапери на кликови"
Овие измами функционираат на тој начин што ги наведуваат корисниците да направат copy-paste на текст во нивниот браусер, објавувајќи неверојатно добри понуди и примамливи наслови, како на пример понудата за откривање на луѓето кои ви го разгледуваат профилот. Штом корисникот еднаш ќе го инфицира својот компјутер со овој злонамерен код, "киднаперите на кликови" можат да ја преземат контролата над неговиот профил, да му ги спамираат пријателите и уште повеќе да ја шират измамата. Набргу по смртта на Бин Ладен, една таква измама почна експресно да се шири низ Фејсбук, нудејќи им на корисниците видео и фотографии од акцијата против терористот.

Лажни анкети и прашалници
Доколку кликнете на реклама или линк кој води до прашалник на интернет страна надвор од Фејсбук, најдобро е веднаш да го затворите сајтот. Со тоа што ќе пополните лажен прашалник, им помагате на измамниците да добијат провизија. Некогаш ќе се бара од вас да го внесете бројот од вашиот мобилен телефон за да ги видите резултатите а ако им го дадете бројот, измамниците без проблем ќе можат да ви направат огромна сметка.

Лажни е-мејлови или пораки
Фејсбук ги предупредува своите корисници да внимаваат на мејлови или пораки од измамници кои се потпишуваат како "Тимот на Фејсбук" или само како "Фејсбук". Овие пораки обично бараат од вас итно да ја апдејтувате својата корисничка сметка. Најчесто содржат линкови од злокобни сајтови или прикачени документи со вируси. Најдобар совет кој Фејсбук ви го нуди во тој случај е да го пријавите испраќачот и да ги избришете пораките без притоа да кликнете на линковите во нив.

Измама со трансфер на пари
Имајќи на ум дека повеќето луѓе би му помогнале на својот пријател кој преку инстант порака или пост на ѕидот очајно бара финансиска помош, многу измамници се обидуваат да изнудат пари и преку Фејсбук. Најчесто бараат трансферот да го направите преку Вестерн Унион.

Лажни понуди за пријателство
Не сите понуди доаѓаат од вистински личности. И покрај тоа што Фејсбук постојано се труди да ве заштити од такви измамници, се уште постојат профили кои се отворени само заради ширење спамови и крадење лични податоци од што е можно поширока група на корисници. Затоа, внимавајте чија понуда за пријателство прифаќате!

Штетни апликации
Во последно време, тие се многу честа појава на Фејсбук и неретко можат да бидат маска за се она што претходно го набројавме. Изгледаат многу убедливо и доволно реално за да кликнете "Allow". Но, овие апликации ја злоупотребуваат дозволата за да шират спам пораки преку вашата мрежа на пријатели. На пример, неодамна почна да се шири измама "Facebook Shutdown", во која се тврди дека Фејсбук ќе ги избрише сите неактивни профили, освен оние кои ќе ја потврдат својата корисничка сметка преку инсталација на апликација.
























