Митови и заблуди за ACTA |
Митови и заблуди за ACTA
Да се разбереме, ACTA е сериозно опасен документ, но дури и веб сајтот Ars Technica (кој ја поттикна анти-SOPA кампањата), почувствува обврска да ги урне сите митови околу договорот, што почнаа да циркулираат по социјалните медиуми.
| « врати се назад |

Противниците на ACTA го оценија договорот како многу поопасен од рестриктивните и опасни американски предлози за закон против пиратерија, познати како SOPA и PIPA. Но, ACTA е нешто сосема поинакво: пред сè, не станува збор за закон туку за договор, а и спектарот на теми кои тој ги покрива е далеку поширок.
"ACTA е конвенција, договор со меѓународна поддршка помеѓу земјите потписнички, кои се согласиле да работат на заштитување на правата за интелектуална сопственост на оние личности и компании, кои можат да докажат дека нивните права биле повредени", објаснува Роберт Бонд, шеф на заштита на податоци и информациски права во англиската адвокатска куќа, Speechly Bircham.
Ars Technica, една од најценетите IT веб страни веќе со месеци ги уверува луѓето дека многу тврдења за ACTA на интернет, се погрешни.
"ACTA не да им дава можност на провајдерите да го следат вашиот интернет сообраќај, ниту ги принудува константно да проверуваат дали на серверите на корисниците има материјали со заштитени авторски права", напоменуваат од Ars Technica.
Освен тоа, од првите нацрти на ACTA подоцна биле исфрлени контроверзните предлози за укинување на пристапот на интернет на пиратите по 3 прекршоци, а нема ни збор за црните листи и бришењето пиратски страни од DNS серверите. 
Но, ACTA сепак останува да важи за особено опасен документ, за кој постојат многу причини за протест.
Како прво, ACTA бара од земјите потписнички да го казнуваат пиратството со драконски закони, за што пример е случајот на Американката Џејми Томас Расет, која беше казнета со 1,5 милиони долари за превземање 24 песни од интернет.
Налудничавите проценки за штетите од пиратеријата со години се еден од главните аргументи на американските организации MPAA и RIAA, кои тврдат дека на тој начин губат милијарди долари. Но, знак прашање е дали пиратеријата воопшто е негативен феномен, за што неодамна говорел и авторот на играта Angry Birds, кој изјавил дека можеби имаат и корист од пиратеријата.
Второ, договорот за потпишување на ACTA во повеќето земји на ЕУ помина речиси во тајност. На европскиот парламентарец Кадер Арфа, чија задача била да известува за ACTA, толку му се згадил целиот пристап, што веднаш по потпишувањето даде оставка.
И конечно, многумина тврдат дека фактот што ACTA не е закон туку договор всушност е многу лош момент, бидејќи ги заобиколува законодавните тела.
"Јас нема да можам да гласам за или против ACTA. Но, кога еднаш ќе го имплементираат, моите раце ќе бидат врзани и ќе биде невозможно да се спречи", изјавил американскиот конгресмен Дарел Иса.
Деновиве, Бугарија стана 6-та земја која одби да го ратификува договорот, по Кипар, Естонија, Германија, Холандија и Словачка.
























