Либија се бори да ја оживее економијата |
Либија се бори да ја оживее економијата
Откако пред 4 месеци ја доби борбата против Гадафи, Либија ја чека уште потешка економска борба.
| « врати се назад |

По падот на режимот на Гадафи, новата власт во Либија наследи вистинска економска катастрофа, а закрепнувањето не оди брзо како што се очекуваше, иако постои напредок во одредени сегменти.
Од ММФ порачуваат дека во најскоро време Либија треба да воспостави фискална дисциплина и да го оживее банкарскиот систем за да одржи макроекономска стабилност.
Националната нафтена корпорација соопшти дека производството на нафта во Либија, кое доживеа колапс по бунтот против Гадафи, достигна 1,3 милиони барели дневно, а се очекува до ноември да достигне 1,7 милиони барели на ден.
Минатата година БДП на Либија забележа пад од 60%, но ММФ предвидува дека годинава ќе порасне за 70%, а во 2013 за 20%.
Сепак, на Либија допрва ѝ претстои долга и мачна борба против корупцијата, бирократијата и невработеноста.
Хусни Беи, еден од најголемите либиски бизнисмени, вели дека состојбата со либиската економија е иста како во времето на Гадафи и може да се влоши.
„Истото корумпирано лоби сè уште е тука и во отсуство на правна контрола ќе биде тешко да се стави крај на старите практики“, додава Беи.
Либиските власти ќе мораат да ги разоружаат и неколкуте преостанати паравоени формации за да ги охрабрат странските компании и работници да се вратат во земјата.
Се очекува Британија и Франција, кои имаа голема улога во воените операции против Гадафи, да донесат големи инвестиции во Либија.
„Кога станува збор за оваа земја, ништо не е сосема сигурно“, изјави западен дипломат во Триполи.
























