Ватерполистите го избегнаа последното место |
Ватерполистите го избегнаа последното место
Mакедонската ватерполо репрезентација се пласира на 11. место на Европското првенство во Ајндховен, откако ја совлада селекцијата на Турција со 9:7.
| « врати се назад |

Составот на Игор Гочанин беше ослабен без суспендираните Борис Летица и Саша Мишиќ, а Даниел Бениќ заради приватни причини замина дома.
Македонија беше подобра во првото полувреме кое го добивме со 5:3, за потоа ја зголемиме предноста на три гола разлика (7:4), но следеше пад во играта и со серија од 3:0 Турците изедначија.
До крајот со головите на Ранчиќ и Вуксановиќ, нашата селекција стигна до победа и избегнување на последното место на ЕП.
"Ова беше тежок натпревар за нас, затоа што имав само десет играчи на располагање. Летица и Мишиќ беа суспендирани, а Бениќ мораше да се врати дома бидејќи почина неговиот татко. Се надевавме дека ќе завршиме како десетти, со победи над Турција и Холандија, но изненадувачки загубивме од домаќините", рече селекторот Гочанин.
"Не беше лесен натпревар за нас, бидејќи ни недостасуваа три играчи, а во четвртиот период загубивме уште еден затоа што заработи три исклучувања. Тимот беше уморен на крајот од ова натпреварување. Затоа нашиот напад беше послаб од вообичаеното, но бевме концентрирани во одбраната", истакна Игор Милановиќ.
По два гола постигнаа Ранчиќ, Вуксановиќ и Димовски, а прецизни беа и Калиниќ, Петровиќ и Ивовиќ.























