Металург триумфира на гости над Висла |
Металург триумфира на гости над Висла
Ракометарите на Металург извојуваа голема победа на гостувањето против Висла Плоцк од 24:20 во рамките на 9. коло од Лигата на шампиони.
| « врати се назад |

Составот на Лино Червар се врати на второто место на табелата во групата Ц со 12 бода и за да ја задржи оваа позиција потребен му е бод во последниот меч од групната фаза против фаворитот Хамбург што ќе се игра следната недела во "Борис Трајковски".
Триумфот над Плоцк е уште позначаен ако се знае дека е остварен без суспендираниот Филип Миркуловски и без повредените Ракчевиќ и Батиновиќ.
Металург добро го започна мечот и главно преку Жарко Марковиќ ги завршуваше нападите, кој ги постигна првите три гола за нашиот ракометен шампион.
Се играше изедначено во првото полувреме, а полскиот тим за прв пат направи предност од два гола разлика (8:6), но на полувреме сепак се замина со нерешен резултат (11:11).
Стандардно најдобар поединец беше најдобриот голман на Европското првенство во Србија, Дарко Станиќ со феноменални 14 одбрани по само 30 минути игра.
Во вториот дел Металург ја зацврсти одбраната и дојде до два гола предност (14:12), а Георгиевски не реализира напад за три разлика. Тоа го казнија домашните ракометари кои изедначија на 15:15, но тоа беше се што сторија.
Жарко Марковиќ, Миладин Козлина и Ванчо Димовски беа ефикасни во нападот во последните седум минути остваривме предност и од три гола (22:19), а на крајот забележавме голем триумф од 24:20, што беше и најголема разлика што ја имавме во текот на мечот.
Марковиќ мечот го заврши со осум гола, Козлина даде седум, а Димовски пет гола, додека Станиќ имаше 19 одбрани.
























