Металург освои бод во Копер |
Металург освои бод во Копер
Македонскиот ракометен шампион, екипата на Металург освои поен во Словенија, ремизирајќи со Цимос Копер (22:22) во натпревар од Лигата на шампионите.
| « врати се назад |

Во интересен и неизвесен натпревар, екипата на Металург имаше шанси да победи, но беше и пред пораз, а на крајот двете екипи ги поделија поените.
На четири минути пред крајот на натпреварот, Цимос Копер имаше водство од 22:19, но благодарение на неколкуте нивни грешки, како и фантастичниот голман Дарко Станиќ, ракометарите на Металург со серија од три голови израмни на 22:22.
Со играч помалку, Металург имаше шанса да постигне и победнички гол, но Георгиевски не го искористи последниот напад, а на спротивната страна Миркуловски го спречи противнападот и заработи црвен картон. Во последните секунди Копер со два играчи повеќе имаше шанси да постигне гол, но Кривокапиќ ја погоди стативата.
Најефикасни кај Металург беа Марковиќ со шест и Козлина со четири погодоци, а Дарко Станиќ оствари неверојатни 18 одбрани.
На првото место на табелата во групата Ц се наоѓа Хамбург со 14 поени, следат Металург и Цимос Копер со по 10, а на четвртата позиција со седум поени е екипата на Орлен Висла Плок, следниот противник на Металург.
























