background image

Зголемена автономијата на електричниот Ford Focus

Обновената верзија на електричниот Ford Focus ќе нуди зголемена за 46% километража со едно полнење.



Ова го потврдија извори од Синиот овал за изданието на Inside Evs, кое објави техничките податоци на Ford Focus Electric, за моделската 2017.

Од нив, станува јасно дека електромобилот ќе добие нова батерија, чиј капацитет ќе се зголеми од сегашните 23 на 33,5 kW/h. Во моментов според податоците на американската агенција за заштита на животната средина (EPA) електромобилот поминуваше со едно полнење 76 милји (122 km), но со новата верзија ќе достигне 110 милји (177 km).

Благодарение на новиот акумулатор Ford Focus Electric ќе може успешно да се натпреварува со Hyundai Ionic Electric (110 милји) и Nissan Leaf (107 милји). Освен со нова батерија електромобилот на Ford ќе биде опремен и со систем за брзо полнење, како и со функција Brake Coach. Таа ќе му помага на возачот да го користи поефикасно системот за обновување на енергијата при сопирање.

Сегашната верзија на Ford Focus Electric се произведува во САД од 2011 година и во Европа од 2013. Во 2014 моделот претрпе дотерување заедно со стандардниот Focus. Се очекува следната генерација на електричниот хечбек да влезе во новото семејство Model E, кое ќе се состои само од еколошки автомобили. Тие ќе се нудат со електрични и хибридни мотори, кои ќе ги заменат сегашните C-Max Hybrid, C-Max Energi и Focus Electric. Нивното производство ќе стартува во 2019 година.

 
24-авг-2016 14:21