background image

Нови квалификации, нов предизвик

Македонската репрезентација ги започна подготовките за првиот натпревар против Албанија од новиот квалификациски циклус за пласман на СП во Русија 2018 година.



На првиот тренинг недостасуваа капитенот Горан Пандев и голманот Столе Димитриевски, двајцата доцна вечерва ќе се приклучат во репрезентативниот табор. Поради повреда Агим Ибраими ќе го пропушти натпреварот против Албанија во Скадар.
Офанзивните фудбалери Илија Несторовски и Бесарт Ибраими се надеваат дека подготовките ќе минат без проблеми, секој ќе го даде максимумот на тренинзите и подготвени ќе го дочекаме дуелот против албанците.

„Верувам дека секој играч кој е овде може да ги исполни замислите и очекувањата на селекторот. Вербата во нашите квалитети е она што не мотивира и навистина се надевам дека на најдобар начин ќе ги одработиме подготовките и ќе бидеме подготвени за пресметката во Скадар. Тимскиот дух е секогаш важен и се надевам дека ќе биде наша предност на натпреварите. Јасно е дека ќе биде тежок натпреварот против Албанија, но треба да бидеме концентрирани на нашиот пристап и игра“, изјави напаѓачот на Палермо, Илија Несторовски.

Еден од најдобрите фудбалери на Шкендија, Бесарт Ибраими вели дека сите во тимот размислуваат позитивно, се надева дека атмосферата ќе остане на високо ниво.

„Нов почеток, нови квалификации, нов предизвик. Мораме да ги почитуваме замислите на селекторот за да постигнеме позитивен резултат. Наша цел е да бележиме подобри игри и резултати во квалификациите и се надевам дека ќе успееме во тоа. Позитивни сме, атмосферата е одлична и се надевам дека ќе бидеме на високо ниво како на тренинзите, така и на натпреварот“, изјави Ибраими.

 

30-авг-2016 10:00