background image

Остана ли храна што не е штетна?

Ја прогласија сланината за штетна колку и цигарите, открија дека кафето може да предизвика срцев удар и што остана? ББЦ со листа на неколку вида ризична храна: стравови и факти.
За некого извор на енергија, за друг уживање, за трет потреба, храната зазема важен дел во животот на секој човек. Како што тврди познатата готвачка Најџела, тоа што е прогласено за добро оваа година, следната веќе нема да биде, алудирајќи на трендовите на униформирана исхрана. Едно време беа смути, потоа сирова храна, па житарици, комбинација од сите или пак целосно исфрлање на некои продукти. Вистината е малку поинаква. 

Сланина


Страв: Месните преработки се штетни колку и цигарите. 
Факти: Пржената сланина е повкусна од житарици, помалку хранлива, но во никој случај предизвикувач на рак. Истата може да биде само тригер, во зависност од генетските предиспозиции на една личност, како и стилот на живеење. Ризикот да се развие канцерогено заболување поради сланина е помеѓу 5,6 и 6,6%. 

Кафе


Страв: Кофеинот предизвикува срцев удар. 
Факти: Во американско истражување што траело 13 години се покажало дека всушност оние што пијат кафе најмалку три пати во денот имале 10% помала шанса да се разболат или умрат во тој период. Кај нив не биле забележани никакви зголемени знаци на срцево заболување, дијабетес или било каква инфекција. 

Житарици


Страв: Претерано консумирање доведува до Алцхајмер.
Факти: Околу 1% од светското население има реална нетолеранција на глутен и тие мораат да се откажат целосно од житарици. Други, се откажуваат од житни производи поради тоа што се уверени дека животот без глутен ќе им биде поквалитетен. Сепак, човечкиот вид консумира житарици и житни преработки уште од пред 10.000 години и ако лекарски преглед и тест не го докажат спротивното, тогаш нема потреба од откажување од овие производи. 

Путер, сирење и полномасно млеко


Страв: Млечните производи ги замастуваат артериите и предизвикуваат срцеви заболувања. 
Факти: Со години се зборуваше и пишуваше дека заситените масти од сирењето и путерот се штетни и истите се заменуваа со растителни верзии. Со подоцнежни истражувања е покажано дека високиот внес на заситени масти нема придонес во срцевите заболувања и често оние кои не јаделе заситени масти имале повеќе холестерол во крвта, отколку оние кои јадат. 

Пастеризирано (тетрапак) млеко


Страв: Пастеризацијата може да доведе до егзема, астма и имунолошки пореметувања. 

Факти: Популарното верување дека ако нешто е природно автоматски е и здраво го стави на тапет и пастеризираното млеко, за кое што се тврди дека пастеризацијата ги „убила“ сите корисни состојки. Оние кои навистина се разбираат во производство на пастеризирано млеко тврдат дека речиси сите хранливи состојки се задржани во процесот, а дека само се прочистува од бактерии што потекнуваат од кравите и кои што може да го преживеат варењето во желудникот и да ги нападнат цревата. Свежото, штотуку измолзено млеко може да биде корисно само за оние кои што израснале на фарма со крави и учествувале во нивното одгледување и со тоа развиле имунитет кон тие заболувања. Всушност, за останатите, свежото млеко може да биде и многу опасно.  

 



30-окт-2015 13:08