ЏО ЏЕКСОН: ПУШЕЊЕ, ЛАГИ И ДРЖАВАТА- ДАДИЛКА
превод: Илина Јакимовска
Илјадници години во Америка, и околу 500 години речиси насекаде низ светот, тутунот бил пријател на човештвото. Се употребувал за релаксација, стимулација и исцелување. Бил витален дел од социјалните и духовните обреди. Бил користен како валута. Врз него биле основани цели заедници - вклучувајќи ги, веројатно, и САД.
Чекај малку! Избриши го ова! Пушењето е лоша, гнасна навика, која речиси сигурно ќе те убие. Никој не пуши по своја волја, тоа се само патетични зависници, навлечени од зли тутунски компании. Тутунот е чума која мора да се искорени.
Како и повеќето луѓе, до пред неколку години бев посклон да му поверувам на вториот пасус отколку на првиот. Бев умерен пушач и речиси се откажав. Но нешто во врска со вистинската хистерија на антипушачкото движење, и различните дупки и контрадикции во нивните аргументи, ме направи сомничав. Во доцните 1990-ти пристигнав во Лос Анџелес и, кога моето такси излезе од аеродромот, се соочив со огромен црвен билборд: ПУШЕЊЕТО ОД ВТОРА РАКА УБИВА. Помислив: дури и на тешките пушачи им се потребни неколку децении за да добијат рак на бели дробови. Еден непушач, дури и да е постојано изложен на чад, би требало да живее 300 години за да му се случи истото. И како би можеле да знаеме дека токму чадот е оној кој убива, а не на пример, густиот смог над Л.А.?
Оттогаш детално го истражив прашањето на пушењето. Ископав купишта статистики, се сретнав со доктори и научници, и комуницирав со групи на други истражувачи и активисти кои се обидуваат да дојдат до вистината. Сега сум убеден дека опасностите од пушењето - и особено од ’пасивното’ пушење - во голема мерка се напумпани, од причини кои се поблиски до политиката, моќта и профитот отколку до објективната наука. Верувам дека антипушачкото движење - особено лоби групите како АПЗ (Акција во врска со пушењето и здравјето) - имаат премногу пари и влијание, и дека нивната нечесност и насилна тактика би требало да ги загрозува дури и оние кои го мразат тутунот.
Овој есеј има четири дела. Првиот ги испитува ризиците од пушењето; вториот се однесува на ’пушењето од втора рака’; третиот на забраните за пушење; а четвртиот, и веројатно најзначајниот, на некои пошироки општествени и политички контексти. На крајот постои и список на дополнителни ресурси и начини на вклучување. Бидејќи мојата намера е да понудам вовед во некои од овие прашања, а не некаков прирачник, се воздржав од фусноти или списоци на извори, но на читателот му гарантирам дека тие можат да се најдат - и постојано да се дополнуваат - преку погоре споменатиот список.
Џо Џексон
***************** За авторот: Џо Џексон е музичар и писател познат по хитовите ‘Is She Really Going Out With Him?’, ‘It’s Different For Girls’ и ‘Steppin’ Out’. Во 1999 ја напиша ’A Cure For Gravity', “книга за музика, слабо замаскирана како мемоар“, а во 2000 доби Греми за најдобар поп инструментален албум за неоркестарската симфонија број 1. Роден во Англија во 1954, Џо живеел дваесет години во Њујорк, од 1983-2003, а потоа се вратил во Лондон. Член е на Кралската музичка академија и неодамна доби почесен докторат од Универзитетот во Портсмут, неговиот роден град. Како ’социјален пушач’, Џо детално ја истражил темата на пушењето и во 2004 го напишал познатиот есеј, ’Проблемот со пушењето’. На истата тема напишал и текстови за Њујорк Тајмс, Дејли Телеграф и Гардијан. Во моментов живее и работи во Берлин.

ПУШЕЊЕ, ЛАГИ И ДРЖАВАТА- ДАДИЛКА
ПРВ ДЕЛ: Стана’општопознато’ дека пушењето е една од најлошите работи што можете да си го направите - ’сите експерти се согласни’. Секако, ’сите експерти’ некогаш биле едногласни дека мастурбацијата предизвикува слепило, дека хомосексуалноста е болест, и дека марихуаната ги претвора луѓето во манијаци со убивствени намери... (повеќе)
ВТОР ДЕЛ: Еден шанкер има поголема статистичка шанса да умре во несреќа со велосипед, или да биде левучар и да користи предмети за десничари, отколку што тој или таа има шанса да умре од изложеност на тутунски чад. Се колнам дека не измислувам... (повеќе)
ТРЕТ ДЕЛ: Ако луѓето не го сакаат чадот, вентилацијата треба да се подобри. Ако тоа не е доволно, треба да има одделни простории, а ако и тоа не е доволно, тогаш треба да има избор на пушачки и непушачки оддели. Но прашањата на вкусот и модата треба да се остават на слободниот пазар, не на владите... (повеќе)
ЧЕТВРТИ ДЕЛ: Еден од најзлите митови, според мене, е оној дека пушачите претставуваат неправичен товар за здравствените институции бидејќи нашите болести се ’самонаметнати’. Помислете малку. За речиси секоја болест на која можете да помислите може да се каже дека е ’самонаметната’. Што е со сидата? Што е со оние кои доживуваат инфаркт додека џогираат? (повеќе) Последна промена: 12.01.2010 # |